
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска денеска до претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе оставка од функцијата. Во објаснувањето стои дека оставката ја поднесува поради јавните полемики и сомнежи околу нејзината работа во ова тело.
„По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во прска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски.
Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет. На Државната комисија за спречување на корупцијата й посакувам успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес“, напиша Ристовска.

