Утрински Весник
Македонија

Цвета Ристовска избрана за заменик-претседател на ДКСК, ќе ја води Комисијата за време на локалните избори

Screenshot 2024 12 25 at 16 44 57 tsveta ristovska univerzitet skopje google search.png

На денешната седница, Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше едногласно избрана за заменик-претседател на Комисијата, која остана без претседател по оставката на поранешната Татјана Димитровска. Ристовска, која го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, ќе го преземе заменичкото место на 21 август, кога истекува мандатот на актуелната заменик-претседателка Билјана Каракашева Шулев. Според правилата на ДКСК, функцијата заменик-претседател се ротира на секои шест месеци по азбучен ред на презимињата на членовите, со мнозинство гласови.

Ристовска, која, како и поранешната претседателка Димитровска, доаѓа од Државниот завод за ревизија, реферираше и го водеше предметот за Христовски. Во јавноста се спореше нејзината улога бидејќи во тоа време била дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент „Скопје“, а предметот се однесуваше и на претставката за дипломата на Христовски, издадена токму од факултетот каде Ристовска била дел од наставата.


На седницата, Ристовска изјави дека случајот е чист, според известувањето на Просветниот инспекторат. Прво од ДКСК тврдеа дека таа не била дел од наставниот кадар на Универзитетот, а потоа дека имала соработка само како гостин-претседавач.

„Единствено можам да ви кажам дека повремено бев ангажирана како практичар од областа на ревизијата, ниту сум била дел од наставен кадар, ниту е точно тоа што излезе во медиумите. Сите мои трансакциски сметки се отворени, не ми плаќале. Сум предавала ревизија и преку приватни образовни куќи, сето тоа со изземање на главниот државен ревизор, со потврда. Сум предавала и во Академија на судии и јавни обвинители, се во својство на државен ревизор“, изјави Ристовска.

Просветниот инспекторат, кој го изврши надзорот за дипломите на Христовски, констатираше дека нема неправилности. Инспекторката Соња Зашовска, која го спровела надзорот, претходно фигурираше како советничка во Општина Гази Баба од коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а Левица ја обвини за унапредување во раководна функција по констатирање дека дипломата на директорот на АНБ е валидна.

ДКСК остана без претседател по оставката на Татјана Димитровска, која поднесе оставка по обвинувањата од Обвинителството за гонење организиран криминал за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име положил тест за сертификат за државна тајна.

Можете да прочитате

ОЈО тврди дека поканата до Ивановска е испратена на 27 јули и нема врска со политички активности

По 11 часа од кандидатурата, полиција тропна на вратата на Билјана Ивановска

Трипуновски: По 6 години застој се порибува Охридското езеро со околу милион единки на охридска пастрмка