Утрински Весник
Македонија

ЦУК со вонредни информации за поплавите

Reka.webp.webp

Обилните врнежи предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови низ државата, а екипите на општините, противпожарните служби и институциите за заштита и спасување непрекинато интервенираат на критичните места во Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот и Гостиварскиот Регион, каде што има излевање на реки, поплавени домови, свлечишта и затрупани одводни канали.

Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.

-Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата. Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен – се вели во соопштението од ЦУК.

Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково поради обилните врнежи воспоставена е континуирана комуникација со Општина Липково.

-Реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини, информираат од ЦУК.

Според досегашните информации, нема пријавени штети од жителите и земјоделците, освен поплавените земјоделски површини.

На подрачјата што ги покриваат Кратово и Крива Паланка нема пријавени ниту забележани поплавени површини.

Во Тетовскиот Регион, од синоќа до раните утрински часови беа регистрирани интензивни и континуирани врнежи од дожд, што придонесе за зголемен водостој и проблеми со одводни канали на повеќе локации.

-Преку бројот за итни повици 112 беше пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – Џепчиште (Џермо), поради што сообраќајот е во прекин. Пријавено е и свлечиште на патниот правец кон село Једуарце, каде што од страна на надлежната општина е извршена интервенција и патот е оспособен за сообраќај. Евидентирани се затрупани канали во селата Шемшево и на правец Требош – Јажинце, при што се реализирани соодветни интервенции – информираат од ЦУК.

Патниот правец кон Попова Шапка е прооден, но на делница од околу четири километри сообраќајот се одвива отежнато и наизменично. Од 07:45 часот на сила е забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на правецот Тетово – Попова Шапка.

-Во моментов нема значително зголемување на водостојот и нема опасност од излевање на поголемите водотеци. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење се одвива непречено – се вели во соопштението од ЦУК.

Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.

– Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито – информираат од ЦУК.

Поради ограничени технички ресурси, како што посочуваат од ЦУК, дел од интервенциите се реализираат со отежнати услови, но сите надлежни служби се на терен.

Во Охридско-Кичевскиот Регион, во Општина Охрид состојбата е стабилна, сите патни правци се проодни и нема пријави за излевање на реки или поплавувања.

-Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти – информираат од ЦУК.

Состојбата, како што информира директор на ЦУК, Мухамед Али, во сите региони се следи континуирано во координација со надлежните институции.

Можете да прочитате

Седница на партиското Собрание на Алијанса за Албанците

Поради сообраќајка блокиран сообраќајот на регионалниот пат Куманово – Крива Паланка, кај м.в.„Св.Петка“

УХМР: Претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава