Пекинг го подигна предупредувањето за топлото време на „црвено“, највисоко во системот за тревога, при што многу делови од кинескиот главен град се загреваат до 40 степени Целзиусови.
Според податоците на Општинската метеоролошка опсерваторија во Пекинг, официјалната температура за главниот град, која се мери од опсерваторијата во јужните предградија, достигна 40 степени веднаш по 13:30 часот по локално време.
„Ова е првпат од основањето на опсерваторијата, два последователни дена температурата да биде повисока од 40 степени“, рече Џанг Јингсин, главен прогнозер на институцијата.
Опсерваторијата е основана во 1951 година.
Вчера максималната температура во градот со речиси 22 милиони жители достигна 41 степен Целзиусов, со што беше поставен рекорд за најтопол ден во јуни. Метеоролошката станица во јужните предградија на Пекинг, попладнето забележа 41,1.
Претходниот максимум во јуни е забележан на 10 јуни 1961 година, кога живата достигнала 40,6.
Дневниот максимум забележан во четвртокот беше втор највисок во историјата на градот, веднаш под 41,9 забележан во Пекинг на 24 јули 1999 година.
Кина има четиристепен систем за предупредување за времето, со црвената најтешка, па следат портокалова, жолта и сина боја. Црвеното предупредување покажува дека температурата ќе се искачи над 40 степени во рок од 24 часа.
Кинеската метеоролошка управа вчера соопшти дека очекува високите температури да се задржат во северниот дел на земјата во следните осум до 10 дена.