Утрински Весник
Балкан

Црвен аларм во Хрватска поради студен бран

Sneg Put Zima Saobta Aj Hladno.jpg

Екстремно студено време и голомразица ја погодија Хрватска, создавајќи зголемени ризици за сообраќајот и здравјето на граѓаните, информира Хрватската радио-телевизија (ХРТ). Државниот хидрометеоролошки завод прогласи црвен метеоаларм за голомразица во подрачјето на Осиек, додека за Загреб е на сила портокалов аларм. Утринските температури во западна Хрватска и Славонија се спуштија и до минус 10 степени, со околу минус девет степени измерени во Осиек, Вараждин и Бјеловар. Се очекува дел од врнежите, особено во северозападниот и источниот дел од земјата, да бидат во форма на леден дожд, што дополнително ја зголемува опасноста од сообраќајни незгоди и оштетувања на инфраструктурата.

Студот и нискиот водостој го отежнуваат и пловењето по реката Драва, каде нивото на водата е само осум сантиметри над историскиот минимум. Надлежните служби ја следат состојбата, а според прогнозите можно е замрзнување и на површината на Дунав во наредните денови. Лекарите предупредуваат дека ниските температури претставуваат сериозен ризик, особено за лица со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, и препорачуваат престојот на отворено да се ограничи на неопходното. Славонија утрово беше покриена со мраз, додека снег е регистриран на одредени подрачја во Лика и Далмација. Надлежните апелираат граѓаните внимателно да ги следат временските предупредувања. Хрватскиот авто-мото клуб известува за лизгави коловози низ целата земја, со забрани за сообраќај на тешки возила и возила без зимска опрема на повеќе делници. Дел од патиштата се чистат, а поради лошите временски услови привремено се прекинати и некои фериботски и катамарански линии.

Можете да прочитате

Вучиќ: Цел месец зборам дека САД ќе го нападне Иран, ако ова продолжи, нè чека пекол

Иран најавува можен напад врз базата на МЕК во Албанија

Српските државјани се евакуираат од Израел преку Египет