Утрински Весник
Балкан

Црна Гора на врвот, Албанија со „шестка“, а Македонија со „тројка“ во новиот извештај на Европската комисија

Eu.webp.webp
Dik 300x250 mk

Црна Гора повторно го задржа статусот на „најнапреден ученик“ во процесот на проширување на Европската унија, добивајќи „одлична оценка“ во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати. Албанија е оценета со „шест минус“, Молдавија со „пет плус“, а Украина доби стабилна „петка“ за своите реформи и напредок во усогласувањето со европските стандарди

Црна Гора дури се споменува како потенцијална нова членка на ЕУ уште во 2027 година.

Македонија, пак, е оценета со „тројка“ – резултат што покажува ограничен напредок и задржување на речиси исто ниво како минатата година. Во документот, според бриселскиот портал „Политико“, земјата е ставена во групата на држави кои се „задржани на час“, заедно со Србија и Босна и Херцеговина, оценети со „двојка“.

Иако Северна Македонија во 2019 година го постигна историскиот договор со Грција и го промени името, процесот на преговори со Европската унија останува блокиран поради нерешениот спор со Бугарија и барањето за уставни измени – односно вклучување на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.

Во извештајот се очекува да се констатира одреден економски напредок и целосно усогласување со надворешната и одбранбената политика на Унијата, но генералната оценка останува непроменета – „без значителен напредок во споредба со минатата година“, пренесува „Политико“, повикувајќи се на извори од Европската комисија.

Според извештајот, Турција и натаму е опишана како „ученик кој бега од часови“, со оглед дека преговорите со неа се замрзнати уште од 2018 година поради проблеми со владеењето на правото и човековите права.

Косово, кое сè уште не е официјален кандидат за членство, останува на маргините на процесот додека не биде признаено од сите земји-членки на ЕУ.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос треба попладнево да го претстави целиот пакет извештаи пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. По презентацијата ќе следи расправа посветена на резултатите и предизвиците на земјите кандидати и потенцијални кандидати во нивниот пат кон Европската унија.

Европската комисија во документот уште еднаш ја нагласува својата подготвеност да го продолжи процесот на проширување и визијата за „обединета Европа“, но воедно укажува на пропустите и слабостите во спроведувањето на реформите во секоја од државите кандидати.

Можете да прочитате

Голем пожар во Загреб – горат автомобилски гуми

Вонредна состојба во нуклеарната централа Козлодуј во Бугарија

Вучиќ: Во Белград се дојдени двајца снајперисти, се уште ги бараме