Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

Чупеска: Станавме заложници на внатрешно-политички игри и надворешни влијанија од авторитарни сојузи

Cupeska Sdsm 1.jpeg
300x250 opst2

На дебатата организирана од групата на Европските социјалисти и демократи (S&D) во Брисел, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, упати силна порака дека Европската унија мора итно да ја врати кредибилноста на процесот на проширување и да понуди јасен, заслужен напредок за земјите кандидати, со Северна Македонија како пример за земја која, и покрај реформскиот напредок, останува заглавена во блокада.

Во своето излагање, Чупеска оцени дека т.н. Прогресивна методологија на Европската унија, наместо да го заживее процесот на проширување, парадоксално го претворила европскиот пат на Северна Македонија во политички ќорсокак.


„Наместо државата да напредува, станавме заложници на внатрешно-политички игри и надворешни влијанија од авторитарни сојузи – т.н. ‘Црна интернационала’. Овој механизам ја минимизира ефикасноста на реформите и го зголемува ризикот од трајна блокада, растечки евроскептицизам и отстапување од европските и НАТО вредности“, истакна Чупеска.

Потпретседателката на СДСМ предупреди дека недостигот на кредибилитет во процесот довел до тоа Европската унија целосно да ја префрли одговорноста врз земјите-кандидати, што пак предизвикува системска опструкција на домашните политички процеси.

„Политичките блокади и изборната инструментализација го одвлекуваат вниманието од суштинските реформи во правосудството и јавната администрација, оставајќи простор за малигни влијанија чија цел е дестабилизација и геополитичка пренасоченост“, посочи таа.

Чупеска потсети дека, и покрај исполнувањето на високи политички услови – меѓу кои и историскиот Преспански договор и усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО – граѓаните се чувствуваат изневерени, што резултирало со фрустрација како доминантен изборен исход.

„СДСМ покажа истрајност и останува доследен на европската агенда, без разлика дали сме на власт или во опозиција. Денес сме единствената политичка сила која реално се бори за суштинска и кредибилна поврзаност со Европската унија,“ рече Чупеска.

Чупеска изјави дека СДСМ е подготвен за нови, креативни решенија и дури и за привремена или редуцирана форма на европска асоцијација, сè додека се зачува кредибилниот реформски процес.

„Но СДСМ нема повеќе да прифаќа непринципиелност и хаос како норма. Проширувањето мора да се заснова на заслуги и да понуди вистинска награда за напредокот“, порача таа.

Таа исто така го критикуваше тековното владеење во Северна Македонија, нагласувајќи дека владата не спроведува реформи, не ги користи европските фондови и се задолжува од сомнителни извори надвор од ЕУ, што го компромитира европскиот пат на државата.

Можете да прочитате

Мицкоски: По изборите ресет на системот, да изградиме правна држава и непристрасно правосудство  

Во пиперки од Македонија откриена опасна супстанца

17годишно момче тешко повредено откако паднало од мотор