Утрински Весник
Свет

Човекот на Трамп им се заканува на медиумите со одземање дозволи: „Сакаат да ја изгубиме војната со Иран“

Img 9934.webp.webp

Претседателот на американската Федерална комисија за комуникации (FCC), Брендан Кар, им се закани на медиумските куќи со можност за одземање на дозволите за емитување доколку продолжат да шират, како што наведе, „лажни вести и искривувања“.

Предупредувањето доаѓа по серија критики од американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација за начинот на кој медиумите известуваат за конфликтот со Иран, што тие го оценуваат како неповолно и манипулативно, пренесува „Гардијан“.


Кар преку социјалните мрежи порача дека медиумските куќи кои шират „лажни вести“ имаат можност да се коригираат пред да дојде време за обновување на нивните дозволи за емитување.

„Законот е јасен. Медиумите мора да работат во јавен интерес. Ако тоа не го прават, ќе ги изгубат дозволите“, напиша Кар.

Федералната комисија за комуникации е институција која го регулира телевизиското и радио емитувањето во САД, како и мобилните, безжичните и сателитските комуникации.

Неговата изјава се надоврза на објава на Доналд Трамп на социјалната мрежа Truth Social, во која тој ги обвини дел од американските медиуми дека намерно ја доведуваат јавноста во заблуда со извештаите за конфликтот со Иран.

Трамп посебно ги прозва „New York Times“ и „Wall Street Journal“, тврдејќи дека нивното известување е „целосно спротивно на вистинските факти“ и дека со таквите текстови ѝ нанесуваат штета на Соединетите Американски Држави.

Критики кон медиумите упати и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој изјави дека дел од насловите се намерно формулирани за да создадат негативна слика за американско-израелските операции во Иран.

Во меѓувреме, Кар во својата објава тврдеше дека довербата на јавноста во традиционалните медиуми паднала на историски најниско ниво и изнесува само девет проценти.

Според него, медиумите мора повторно да ја вратат довербата на јавноста, предупредувајќи дека американските телевизиски и радио куќи со години добиваат бесплатен пристап до националниот етер, кој се смета за јавно добро.

Изјавите на Кар отворија можност за нов судир меѓу владата и медиумите во САД, особено во контекст на политичките тензии по претседателските избори и конфликтот на Блискиот Исток.

Можете да прочитате

Мерц сака руските војници да имаат забрана за влез во ЕУ

Дел од јавноста изрази загриженост за здравјето на Трамп

Азизи: Украина е легитимна цел за Иран