Утрински Весник
Македонија

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ лути, а јавноста во дилема дали Силјановска Давкова воопшто ги собрала потребните потписи за кандидатурата

Redicicnotaer.jpeg

Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова и официјално е единствената чија кандидатура до Државната изборна комисија е поднесена со поддршка од пратенички, наместо од граѓански потписи.

За политичката, но и за пошироката јавност ова дојде како големо изненадување имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ партијата чија кандидатка е Давкова на денот кога се собираа потписите (трети март) помпезно најавуваше дека Силјановска за неколку часови собрала над дваесеттина илјади потписи и дека тоа многу повеќе од останатите кандидати, а пред се од главниот противкандидат Стево Пендаровски.

„Историски најголем одзив досега, собрани се над 28.000 потписи за помалку од 12 часа“ ќе порача на прес конференција на четврти март, Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Но вчерашниот потег и поднесувањето на кандидатурата, во јавноста отвори сомнеж дека можеби вкупниот број на собрани потписи на Силјановска Давкова и не бил толку многу помпезен како што ВМРО-ДПМНЕ најавуваше.

Но некои политички чинители како тимот на Пендаровски и владејачката СДСМ изразуваат резерва, дали Силјановска Давкова воопшто успеала да собере доволен број граѓански потписи.

Од изборниот штаб на Стево Пендаровски утрово до јавноста испратија соопштение кое содржи доста дилеми околу потписите на Давкова.

„Зошто Давкова и ВМРО-ДПМНЕ се одлучија за ваков потег? Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски?“ прашуваат од изборниот штаб на Пендаровски.

Инаку, Силјановска Давкова беше еден од ретките кандидати зад чија кандидатура можеше организирано луѓето да се потпишуваат и во нотарски канцеларии (кои направија исклучок и работеа во ден недела).

Додека течеше собирањето потписи членови на ракодството на партијата и пратеници лиферуваа информации дека во една нотарска канцеларија во Скопје за само седум и пол часа биле собрани илјада потписи, што е тешко за верување затоа што тоа значи дека на секои 30 секунди се депонирал по еден потпис за Силјановска Давкова.

Владејачката СДСМ оди чекор понатаму во дилемите за бројот на собрани потписи на Силјановска и од таму изразија сомнеж прво во легалноста на собраните потписи а потоа и дали Давкова го собрала и потребниот минимум на потписи.

„ДПМНЕ нема собрано валидни, законски потписи за нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова. Очигледно, ДПМНЕ како што ги лажира анкетите, сакала да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој даден потпис не ги поднеле. Ова е можеби за прв пат ДПМНЕ да нема собрано потписи зад својот кандидат“ изјави на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, партијата чија кандидатка е Силјановска Давкова, како и од тимот на самата кандидатка, до овој момент нема никаква реакција за тоа зошто се одлучиле наместо граѓанските, да ги поднесат пратеничките потписи.

Лоша порака кон членството на ВМРО-ДПМНЕ

Но освен од политичките противници, реакции (не толку јавни) за ваквиот потег има и меѓу членството на партијата.

Дел од обичните членови се чувствувале изиграни и искористени од отфрлањето на нивните депонирани потписи, особено што од нив се барало разбирање, масовност и ефикасност во процесот на собирање на потписите кој се одвиво ден недела, па многу членови на партијата времето за неделниот одмор и ручек го поминаа пред канцелариите на ДИК и пред нотарските канцеларии.

Од она што се спомнува во политичките кулоари, реакции имало и од дел од функционери на локално ниво, затоа што токму тие биле задолжени за организација и логистика на целиот проецес, кој на крајот се покажал како непотребен.

По сето ова, очигледно дека пред Силјановска и раководството на ВМРО-ДПМНЕ претстои тешка задача да им објаснат на членовите зошто нивните депонирани потписи наместо во ДИК, завршија во корпа за отпадоци.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор