Утрински Весник
Македонија

Четири изгубени животи за два месеци – системот повторно затаи?

Adsiz tasarim 9.jpg

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија 31-годишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.

Од Мрежата соопштија дека, според сведоштвата на најблиското семејство, жената подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараат да се утврди одговорност со име и презиме кај сите службени лица кои постапувале по случајот.


Барањето се однесува на целосна проверка на постапувањето на Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и другите надлежни институции. Организациите инсистираат да се испита дали постоеле претходни пријави, какви мерки биле преземени и дали пропустите придонеле за фаталниот исход.

Мрежата повикува и на суспензија на сите службени лица кои биле инволвирани во постапувањето, сè до завршување на истрагата, како и на соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни, доколку се утврди дека некој морал, а не презел мерки за заштита.

Во реакцијата се бараат и најстроги казни за сторителот на насилство, како и итна ревизија на проценките на ризик, механизмите за заштита на жртвите и практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт.

„Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, наведуваат од Мрежата.

Според организациите, оваа трагедија не е изолиран случај. Тие посочуваат дека само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство.

Повикаа и на системски реформи, истакнувајќи дека и покрај постоењето на законска рамка, примената е недоследна, а проценката на ризик и превентивните механизми се недоволни.

Во меѓувреме, случајот предизвика силни реакции во јавноста. За сопругот и татко на починатите, Стојанче Јовановски, според информациите од надлежните, во Обвинителството немало пријави за семејно насилство, туку постапка поврзана со поседување дрога и напад на службено лице.

Според првичните сознанија, во моментот на настанот мајката и детето биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. По наредба на јавен обвинител, во тек се распити на повеќе лица, екстракција на податоци од мобилни телефони и обезбедување снимки од видеонадзор од неколку локации.

Истрагата продолжува, додека јавноста очекува одговори дали трагедијата можела да биде спречена.

Можете да прочитате

АРМ со детали по веста дека дрога е најдена во ранецот на припадник од Армијата

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте во посета на Армијата

Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко