Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски се обрати на Меѓународната конференција по повод 60 години Уставен суд, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија, во салата „Голема купола“. Во продолжение е говорот на Чадиковски кој на оваа конференција ја претставуваше новинарската заедница во Македонија. Пред се сакам да изразам благодарност за поканата за учество, во мое име, но и во име на новинарската заедница. На сам почеток отворам една од најчестите дилеми за нашата ценета, но и напати обременета професија од дилемaта – каде да најдат засолниште новинарите и медиумските работници, во држава во која многумина од политичарите правото на јавен говор го сметаат како нужно зло, а не како основно право на граѓаните и јавноста загарантирано во нашиот Устав во членот 16? 27ми април, 2017-та година… во оваа зграда, во друга сала, неканети гости удрија врз демократијата, а во наш контекст го оневозможија и спречија известувањето за случувањата од парламентот кои во тој момент беа од суштински интерес за јавноста. Ќе имаме ли држава, ќе не тепаат ли повторно, има ли жртви, беа често поставувани прашања на граѓаните кои чекаа информација на тв или на порталите. Овој настан беше кулминација на еден темен период за новинарството и слободната мисла, но можеби и пресвртен момент, од кој како општество ќе извлечеме поука дека независните, објективни и професионални медиуми се основата на секоја просперитетна демократија и се самиот столб што ги поддржува вредностите на транспарентност и одговорност. Треба да се знае дека со нападот врз слободата на изразувањето како основно човеково право предвидено во Уставот, ние не можеме да продолжиме да го чуваме интегритетот на секој поединец, не можеме да им служиме на јавноста и граѓаните, за што сме се обврзале кога сме влегле во оваа наша новинарска професија. Но од тој 27 април, новинарите кои професионално беа присутни во овој собранискиот дом започнаа битка без извесен крај. Како да ја добијат правдата, правда во име на граѓаните!!! Судската власт како и многу пати досега покажа двоен аршин. Насилниците кои нападнаа политичари беа осудени, а напаѓачите на новинарите останаа неказнети. Правниот поредок само делумно изрече правда за политичарите, за новинарите правосудниот систем изрече неправда. Негативни, одбивателни тужби во низа за шестмина новинари на задача. Шест години правна битка, талкање по лавиринтите на граѓански, кривичен суд и во апелациониот суд, 8 години од настанот, со целосна поткрепа на правните тимови на ЗНМ, таа бавна неправда, конечно и делумно доби разрешница, барем еден зрак надеж од Уставните судии. По повеќе од една година од поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарите Влатко Стојановски, Душица Мрѓа и Горан Трпеновски. Според чуварите на Уставот, во претходните пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на новинарите. Се чека одлука и за останатите новинари. Со ова Уставниот суд овозможи пат – како судовите треба да постапуваат во иднина во тужбите поднесени од страна на новинари за овој случај кога беше повредена нивната уставно загарантирана слобода на изразување при известувањето за т.н. „крвавиот четврток“. Се надевам и за сите останати случаи. Во друг случај имавме сосема поинакво искуство.. На 24 декември 2012 година, се случи сериозна повреда на слободата на новинарите и медиумите во Македонија. Група новинари и сниматели кои се обидоа да следат исто така едни други насилни настани во пленарната сала на Собранието беа физички спречени и исфрлени од салата од страна на обезбедувањето. Овој чин предизвика големи реакции и подоцна прерасна во правна борба за заштита на правата на новинарите. Тогаш барањата на новинарите беа отфрлени од страна на Уставниот суд на Македонија, случајот продолжи кон Европскиот суд за човекови права во Стразбур при што се докажа дека меѓународните механизми можат да обезбедат правда кога националните институции не ги штитат основните човекови права. Се поставува прашање зошто ние не добиваме засолниште во нашиот правен поредок, и мораме правата да ги бараме во Стразбур. Колкава е само потребата ние медиумските работници да ја уживаме заштитата пред Уставот? Треба сите да знаеме дека нападот на новинарите е напад на демократијата и правото ја јавноста да биде информирана. Затоа сакам да испратам јасна порака дека поигрувањето со основните човекови права, ја поткопува во целост демократијата и создава несигурност и страв кај сите граѓани. Ако вие почитувани уставни судии сте гарантите на нашите права, ние медиумските работници сме корективот на сите грешки во општеството и чувари на вистината. За да излезам од превезот на сивилото кое го многу пати го кажуваме проследено со негативните извештаи на новинарските здруженија за нападите врз слободите на новинарите, сакам да истакнам дека судиите и новинарите имаат најмалку една заедничка мисија. Тоа е дека и ние и вие треба да служиме на граѓаните и на јавниот интерес а не на политиката и на политичарите. Потребата е јасна, а за да биде пораката посилна ќе дополнам: Меѓународните тела и извештаите на домашните здруженија ја откриваат деликатната состојба на медиумскиот пејзаж во Северна Македонија, покажувајќи го и напредокот, но и постојаните проблеми и предизвици со кои се соочува новинарството во земјава. Во нашето општество и медиумска средина, распалувањето на омраза и недостигот од одговорност за зборовите што се изговараат предизвикуваат нетолеранција и предрасуди. Ова создава негативна атмосфера која ги охрабрува сите форми на омраза, од физичко до вербално и психичко насилство, врз основа на националност, пол, сексуална ориентација и други разлики. Да ставиме крај на ова на начин што ќе промовираме нетолеранција кон сите злоупотреби кои ги нарушуваат основните човекови права. Затоа, последната одлука на Уставниот суд на Македонија во полза на новинарите од 27ми април е добра порака дека нема компромис кога станува збор за правото на јавноста да знае. Да не бидам сфатен погрешно – никој од вас не бара да се мешате во работата на другите судови, но очекувам дека ќе застанете во одбрана на новинарското достоинство. Ќе побарам да го искористите целиот личен интегритет, кредибилитет, правнички габарит и да го заштите кажаниот збор. Придобивките ќе бидат заеднички и во интерес на сите граѓани за да добиеме здраво демократско општество во кое ќе преовладува взаемната доверба и пред се правдата. “Неправдата на било кое место е закана за правдата секаде”, рече борецот за човекови права, Мартин Лутер Кинг, многу убаво објаснувајќи дека не е потребно селективно толкување на законите, затоа ќе дополнам со порака до сите нас и вас, до медиумските работници, до државните органи и функционери, но пред се до последната брана на правдата во нашата држава, а тоа се судиите на Уставниот суд, актелните и идни, да им порачам да останат на нивото кое од сега натаму треба да биде стандард за бескомпромисно правно општество.