Утрински Весник
Економија

ЦГК истражување: Клучни „играчи“ и конкуренција во јавните набавки во здравството

Image 2025 12 23 094910271.png

Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Клучни „играчи” и конкуренција во јавните набавки во здравството во периодот од 2015 до 2024 година. Истражувањето покажа дека:

  • Во последната декада вредноста на јавните набавки во здравството е повеќе од двојно зголемена, додека бројот на фирми што добиле тендер пораснал за само 12 %, што укажува на концентрација на средствата кај ограничен број добавувачи.
  • Со растот на вредноста на тендерите, уделот на десетте најголеми носители на договорите за јавни набавки се намалил од 62% во 2015 на 49% во 2024 година, што укажува на умерено намалување на концентрацијата.
  • Две компании – „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“, во последната деценија ја зацврстиле својата доминација во јавните набавки во здравството и сега контролираат една четвртина од вкупната вредност на тендерите во овој сектор. Нивниот удел се зголемува на третина, ако се анализираат само набавките на лекови, медицински потрошен материјал и опрема.
  • Повеќе од половина од набавките во здравството во изминатата декада им припаднала само на 10 фирми кои добиле тендери во вкупна вредност од над 1 милијарда евра.
  • Низ годините расте вредноста на тендерите што најголемите десет добавувачи во здравството ги добиваат во постапки во кои биле единствени понудувачи и немале конкуренција. Просечно гледано, ако пред 5 години најголемите фармацевтски  компании немале конкуренција во третина од вредност на договорите (33 %), сега ја немаат во повеќе од половина од склучените договори (55 %).
  • Отсуството на конкуренција го концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и доведува до зголемени цени, намален квалитет на здравствените услуги за пациентите и намалена разновидност на лекови.
  • Гледано по програми, во набавката на лекови и на потрошен материјал за третирање дијабетес доминира компанијата „Феникс Фарма“, во програмата за имунизација на населението „Алкалоид Конс“, а во програмата за ретки болести „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“. Во тендерите за набавка на реагенси и тестови, пак, доминираат  „Авицена“ и „Биотек“.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска поддршка на National Endowment for Democarcy (NED).  

Можете да прочитате

УЈП: Даночната дисциплина и фер конкуренцијата се неразделни

СДСМ: Цела недела Владата не презема мерки за цените на горивата

Цената на нафтата порасна 103 долари по барел