
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме, на којашто присуствуваа повеќе од 170 ученици од скопските основни училишта „Христијан Тодоровски-Карпош “, „Петар Поп Арсов” и од „Гоце Делчев”, придружувани од своите наставници.
Младите посетители со внимание ја проследија церемонијата што традиционално се одржува секој втор петок во месецот, а ја реализира Баталјонот за почести при македонската армија, како израз на почит кон знамето и државата.
По свечениот чин, гостите ги разгледаа просториите на Кабинетот и во непосреден разговор со Сиљановска-Давкова, со голема љубопитност ѝ поставија бројни прашања со коишто покажаа завидна зрелост: за секојдневните предизвици, за активностите коишто ѝ недостасуваат поради зафатеноста со претседателската функција, за омилените активности во детството, за школувањето и професијата, но и за уметничките дела коишто го красат Кабинетот.
Восхитена од нивната искреност и смелост, таа им укажа на важноста да бидат свои, оригинални и критични, да веруваат во силата на знаењето, да другаруваат со книгите и да си ја сакаат татковината.
На крајот од посетата, учениците ѝ подарија прекрасни цртежи и ракотворби, изработени со многу креативност и посветеност, а од Кабинетот си заминаа со насмевки и убави впечатоци, како што рекоа.

