Утрински Весник
Македонија

Центарот за социјална работа Охрид повторно ја кочи правдата за Невена, игнорира насоки од Министерството и Врховен суд

Nevena 1068x601 1.jpg

Во повторената судска постапка за случајот со мајката Невена Спасеска, повторно се отвора спорот околу надлежноста на Центрите за социјална работа. И покрај јасните насоки од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и од Врховниот суд, дека за предметот е надлежен Центарот за социјална работа во Скопје, охридскиот Центар повторно се обидува да се наметне како клучен во давањето мислење за старателството пишува А1он.мк.

Таквата упорност веќе имаше последици. Претходниот директор на Центарот во Охрид, Игор Еленчевски, заработи кривична пријава поради спротивставување на ставовите на Министерството. Против него во февруари годинава беше поведена кривична постапка, чиј епилог се уште се очекува. Од Основното јавно обвинителство Охрид за А1он изјавија:


„Предметот е во Основното јавно обвинителство Охрид кое презема дејствија и ги испитува наводите. Побарани се податоци од Министерството за труд и социјална политика, а се врши и увид во судскиот предмет. По преземање на сите дејствија ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“.

Министерството, како надлежен орган, при извршен инспекциски надзор утврдило дека Еленчевски, и покрај писмените укажувања, преземал процесни дејствија и испратил мислење до охридскиот суд, иако за случајот е надлежен скопскиот Центар.

Во јавноста се поставува прашањето дали сегашниот директор на Центарот во Охрид, Славчо Ристески, ќе ги повтори чекорите на својот претходник или ќе ги следи насоките што ги дадоа Министерството и Врховниот суд.

Врховниот суд, во пресудата со која предметот го врати во повторена постапка, јасно укажа дека при утврдување на „најдобрите интереси на детето“ мора да се земе предвид околноста дека детето живее во Скопје, неговата адаптација на средината и можните последици од евентуална промена. Судот посочи дека Министерството на 31.10.2024 година недвосмислено утврдило дека Скопје е надлежниот Центар за предметот, а судовите се должни да го почитуваат ставот на институцијата што врши надзор врз работата на Центрите низ државата.

Дополнително, Врховниот суд оцени дека пониските судови во укинатите пресуди не ги утврдиле доволно и сигурно најдобрите интереси на детето, ниту сите релевантни факти и околности што треба да одредат кај кој родител ќе биде доверено детето за чување, воспитување и издржување.

На барање на А1он, Министерството за социјална политика, демографија и млади потврди дека останува на истиот став: надлежен да даде мислење за старателството е Центарот за социјална работа во Скопје, а не Охрид.

Можете да прочитате

Средба Николоски-Грубер: Потврдени добрите односи меѓу Македонија и Австрија

Малолетник повреден со воздушна пушка, при случајно пукање од негов другар додека ја разгледувале

Филипче: Македонија назадува поради неспособност на власта