Цената на какаото продолжува силно да расте и секоја недела урива нови рекорди. Моментално е на 7.033 долари за тон, додека пред два дена ја помина границата од 8.000 долари, што постави нов рекорд. Така, на месечно ниво е остварен раст од 38 отсто, додека на годишно ниво цената е повисока за 208 отсто.
Ваквото зголемување на цената е резултат на падот на понудата на пазарот што доаѓа од самиот почеток на синџирот на преработка, каде што главните африкански плантажи на Брегот на Слоновата Коска и Гана престанаа да преработуваат какао бидејќи повеќе не можат да си дозволат да купуваат суровини за преработк поради порастот на цените. Ова е голем проблем бидејќи Брегот на Слоновата Коска обезбедува половина од светското производство на какао.
Според извештаите, ова е четврта година по ред како пропаѓа производството на пазарот на какао, но никогаш немало толку големо влијание врз цената.
Меѓународната организација за какао очекува светското производство да се намали за 10,9 отсто, или 4,45 милиони метрички тони. Како резултат на тоа очекуваат пад на побарувачката од 4,8 отсто, токму поради поскапувањето на суровините.
Медиумите јавуваат дека цените на какаото всушност нагло пораснале во последните две години поради лошите временски услови и болестите што ги погодуваат посевите во земјите со најголеми производители. Тие беа релативно стабилни од 2017 до 2022 година, но потоа се зголемија за 70 проценти во 2023 година и се удвоија досега во 2024 година за да достигнат рекордни височини. Овој скок на цените врши притисок врз производителите на чоколада и предизвикува вртоглаво покачување на цените на чоколадите ширум светот.