Четиричлено семејство ќе одговара за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Станува бор за тројца мажи и една жена, кои во автосервис во скопската населба Ѓорче Петров, неовластено заради продажба држеле 133,72 килограми марихуана, информираа од Обвинителството.
Тие на 2 мај спакувале 99,6 килограми и ги подготвиле за неовластена продажба.
Дрогата во кеси и картонски кутии ја ставиле во автомобил, а остатокот го оставиле во автосервисот.
Истиот ден заеднички организирале пренос на марихуаната, движејќи се со три автомобили еден зад друг – прво возило со цел да известува за полициски службеници и патроли, второ возило во кое била дрогата и трет автомобил за заштита. На издадена полициска наредба да запрат на улицата „Скупи“, првиот автомобил воопшто не застанал и обвинетиот се дал во бегство. Другите две возила биле веднаш сопрени и при извршен преглед биле пронајдени картонските кутии со дрогата. По извршен претрес во автосервисот била пронајдена и останатата марихуана, но исто така биле пронајдени и четири куршуми муниција кои еден од обвинетите ги држел без дозвола.
По приведувањето, на сите четворица обвинети, по предлог на јавниот обвинител, ним им беше определена мерка притвор.
Со поднесувањето на обвинителниот акт, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на притворските мерки, бидејќи се уште постојат законските основи – опасност од бегство и можност да го повторат делото.