
Фер конкурентност на економијата преку откривање царински измами со храна, зголемена безбедност на храната која се внесува во државата преку заеднички и координиран пристап на Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и олеснување и забрзување на легалната трговија преку усогласување на смените на двете институции. Ова се конкретните резултати од мерките на институциите, а коишто беа дефинирани од директорот на Царинска управа Бобан Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.
На денешниот состанок директорите истакнаа дека дефинираните мерки веќе имаат видливи резултати кои се препознаени од страна на бизнис заедницата и граѓаните.
„Увозите на храна каде се сомневавме дека неправилно ја распоредуваат стоката ги ставивме на критериум на ризик, при што откривме повеќе случаи на царински измами каде увозите се распоредувале во тарифни ознаки со пониски царински стапки со цел избегнување плаќање давачки. Поднесени се кривични пријави за царинска измама и остварена е дополнителна наплата на приходи по овој основ. Преку координиран пристап со АХВ овозможуваме уште пожестока борба со ваквите кривични дела“, истакна Николовски.
На состанокот се договорени и нови мерки се со цел дополнително олеснување на трговијата, на коишто двете институции ќе работат во следниот период.
Во изминатиот период беа извршени и обуки за контрола на увозите и извозите на храна како и контрола на внес и изнес на миленици, приспособени на реални сценарија, со цел истите да бидат ефикасни. По овој повод директорот Миланов, на директорот Николовски, му врачи сертификат за успешно реализирани обуки.
Царинската управа ќе продолжи со мерки за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување фер конкурентност на пазарот.