Утрински Весник
Македонија

Бугарски Фактор: Новиот шеф на македонската тајна служба ја презема важната функција со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив

B Hristovski.jpg

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на 16.10.2024 година го постави својот близок пријател и претседател на Скопскиот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски, за нов директор на контраразузнавачката служба АНБ, пишува Faktor.bg.

Од тогаш се појавија многу прашања околу тоа дали Христовски ги исполнува потребните законски услови и документи да биде на таа позиција.

Како едно од прашањата е дали можеби новиот директор на македонската тајна служба приложил фалсификуван сертификат за познавање на англиски јазик од Пловдив.

Во интервју за македонскиот медиум „360 Степени“ на 24 октомври годинава, Бојан Христовски изјави дека полагал во Пловдив затоа што тоа бил најбрзиот начин добие меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик по системот TOEFL iBT. Дополнително објаснува дека само таму имало можност за полагање.

И од официјално објавената биографија на Бојан Христовски, јасно се гледа дека тој се стекнал со сертификат за познавање англиски јазик според системот TOEFL iBT. Одбележано е уште и дека тој го положил испитот со 75 поени на 26.03.2022 година во Јазичното училиште Julia Co.LTD, Пловдив, Бугарија.

Faktor.bg изврши проверка за да утврди дали навистина постои такво јазично училиште во Пловдив, а исто така и дали издава меѓународно признат сертификат TOEFL iBT.

Се покажа дека на посочените адреси во Пловдив нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата Julia Co.LTD, но сега канцеларијата е затворена, работат онлајн. Во телефонски разговор госпоѓата која одговара на бројот објавен во брошурата посочи дека компанијата не издава сертификати за TOEFL и не организира обука за добивање на таков сертификат. Жената не се сеќава дека дури се спроведувала обука по овој систем порано.

Дополнително, од проверката на интернет станува јасно дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште Julia Co.LTD како што тврди Христовски. Пронајдена е само Фејсбук страница на консултантска фирма со исто име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. Меѓутоа, во огласениот флаер на компанијата никаде не се споменува дека извршува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за TOEFL.

Според проверка на Faktor.bg, во Пловдив нема сертифициран центар за полагање и издавање меѓународно признат сертификат за TOEFL, а освен тоа, во градот и во списокот на образовни институции во Бугарија нема училиште со име Language School Julia Co.LTD.

Од овие проверки недвосмислено е јасно дека шефот на македонското контраразузнавање приложил лажен документ со неточна содржина за да стане директор на АНБ, а претходно со таков документ се легитимирал на факултетот за безбедност.

Бојан Христовски веројатно не само што нема меѓународно признат сертификат за познавање англиски за да биде директор, туку сторил и кривично дело според Кривичниот законик на Северна Македонија. Сличен е случајот и со друг граѓанин на соседот. На 26.04.2024 година, полицијата од Велес поднесла кривична пријава против лицето М.В. од Велес за сторено кривично дело – „употреба на исправа со невистинита содржина“. Излегува дека исто така се здобил со меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик, повторно издаден од јазично училиште во Пловдив, Бугарија“.

Случајот со Христовски покренува и еден куп други прашања: Не е јасно зошто директорот на АНБ решил да добие меѓународен сертификат за англиски јазик токму од Бугарија, бидејќи вакви сертифицирани центри функционираат во Северна Македонија – во Скопје, Тетово, а порано дејствувал и во Битола. Оправдан ли е сомнежот дека имал сериозна загриженост дека не може легално да добие таков сертификат во својата земја и затоа прибегнал кон опцијата да добие таков документ незаконски, но од Бугарија?

Аферата со сомнителната диплома за англиски јазик на Бојан Христовски е удар не само за авторитетот на службата АНБ, туку и за авторитетот на владата во Северна Македонија и за премиерот Христијан Мицкоски, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Познато е дека Христовски е исклучително близок со Мицкоски, кој долго време се позиционираше како еден од најголемите противници на Бугарија и на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Вицепремиерот Александар Николоски дури ги нарече Бугарите нецивилизирани, но тука се поставува легитимното прашање, зошто тогаш бараат сертификати и дипломи од таков нецивилизиран народ како Бугарите? Мицкоски и ДПМНЕ сè уште одбиваат да ги вклучат Бугарите во Уставот и го блокираат евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Во исто време постојано излегуваат скандалозни факти за најблиските до премиерот дека со години имаат бугарско државјанство, фирми и бизниси кај нас. Сега ќе се прослават со незаконски дипломи, со кои високи владини функционери го легитимираат своето присуство на власт.

Но, сето ова изгледа е во духот на политиката што со години ја наметнува ВМРО-ДПМНЕ – лажна историја, лажни споменици, лажни европски интеграции, а сега и лажни дипломи од омразената Бугарија, заклучува бугарски Фактор.

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина