
Унгарија го блокира годишниот документ за ставот на Европската Унија за процесот на проширување поради нејзиното отфрлање на преговорите за пристапување на ЕУ со Украина, изјави данската министерка за европски прашања, Мари Бјере
Владата на премиерот Виктор Орбан соопштила дека нема да поддржи позитивна оценка за пристапувањето на Украина, според данската министерка. Сепак, тој елемент од оценката не може да биде отстранет бидејќи е поддржан од сите други земји на ЕУ, рече таа.
Данска претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ.
– Имаме 26 земји-членки кои покажуваат силна поддршка за Украина, а Украина навистина ги исполнува обврските, објасни Бјере на маргините на консултациите во Брисел. Таа додаде дека формулацијата за Украина е „праведна и фер“.
Германскиот претставник, Гунтер Крихбаум, го критикуваше однесувањето на Унгарија како „сè подеструктивно“ и ја обвини Будимпешта дека ја забавува ЕУ, јави ДПА.
За Украина, ветото на Унгарија значи дека таа повеќе не може да се надева на почеток на формални рунди на преговори за пристапување кон ЕУ.
Сепак, Бјере нагласи дека пристапниот процес и покрај тоа напредува бидејќи работата се одвива неформално.
– Тоа значи дека на Украина ѝ се даваат упатства за тоа како да се реформира, што треба да исполни, што повеќето земји-членки сакаат земјата да го исполни, рече Бјере, опишувајќи го пристапниот процес како „многу жив“.
Ова значи дека земјата би можела многу брзо да напредува доколку Унгарија во одреден момент се откаже од своето вето.
Актуелната унгарска Влада го правда своето противење на пристапувањето на Украина во ЕУ, укажувајќи на големите финансиски потреби на земјата и обвинувањето дека унгарското малцинство во Украина е доведено во неповолна положба.
Покрај Украина, изјавата на ЕУ за процесот на проширување треба да вклучи и изјави за напредокот на шесте партнери од Западен Балкан, како и Турција, Република Молдавија и Грузија.
Според најновата анализа на Европската комисија, Црна Гора е најдалеку во процесот на пристапување кон ЕУ. Земјата е сертифицирана дека може да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2026 година, доколку го одржи темпото на реформи.



