
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на прес-конференција ја претстави својата визија за решавање на хроничниот проблем со паркирањето, предупредувајќи дека општината се соочува со закана од целосен сообраќаен колапс.
Тој ја претстави стратегијата поделена на краткорочна, среднорочна и долгорочна фаза. Краткорочниот план предвидува во секое маало и секоја улица да се обезбедат најмалку две нови паркинг локации, една бесплатна и една со плаќање, преку општински зони на интерес и јавно-приватно партнерство.
„Среднорочниот план предвидува изградба на подземни и надземни катни гаражи. Кај училиштето ‘Васил Главинов’ ќе изградиме двоспратен подземен паркинг со 1.000 места, кој целосно ќе го ослободи булеварот ‘Џон Кенеди’ од возила. Кај градинката ‘Росица’ ќе има триспратна подземна гаража со околу 520 места, кај новиот плоштад ‘Лирија’ подземен паркинг со 380 места, а кај Саат Кулата катна гаража со 120 места“, најави Османи.
Покрај овие, Османи посочи дека новиот урбанистички план ќе предвиди уште четири катни гаражи со дополнително уште 1.800 места. Долгорочниот пристап, како што рече Османи, е врзан со целосна урбанизација во вертикала.
„Со градење во височина ќе се ослободат јавни простори за паркови, за нови паркинг зони и за вистинска социјална интеракција на децата и граѓаните“, истакна Османи.
Тој порача дека решавањето на паркинг проблемот е суштински предуслов за Чаир да се претвори во општина на луѓето, а не на возилата.
„Чаир е станат општина на возилата, на автомобилите, а не на луѓето. Со уште неколку стотици или илјада нови возила, Чаир ќе се блокира целосно во сите функции. Едно излегување низ улиците на ‘Серава’, ‘Дижонска’, Гази Баба создава анксиозност, стрес и доцнења. Затоа мора ургентно да се реши прашањето на паркинг местата“, изјави Османи.