
Актуелниот кандидат за градоначалник на Чаир и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, утрово со видео порака им го честиташе 8 Септември, Денот на независноста на граѓаните на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање Османи потсети на визијата, храброста и истрајноста на генерациите кои ја трасираа патеката кон независна и слободна држава, нагласувајќи дека денешната генерација има должност да ја продолжи таа борба со уште поголема одлучност.
„Нашата држава помина низ многу искушенија, но секогаш кога иднината изгледаше неизвесна, граѓаните избираа достоинство, демократија и европска иднина”, порача Османи.
Тој подвлече дека во овие историски моменти на државата ѝ е потребно повеќе единство од кога било, јасна насока и политичка одлучност:
„Ова не е време за поделби, ова е време за сплотеност и градење мостови. Нашата насока е Европа, а тоа е последниот чекор кој ќе ни гарантира безбедна, развиена и просперитетна држава”.
Османи потсети дека како дипломат и политичар бил дел од клучните процеси на евроатлантската интеграција, но најмногу како човек кој верува во заедничка иднина.
„На овој ден да си дадеме збор: нема да дозволиме никој да не врати назад. Ќе продолжиме напред, со гордост, со разум и со волја, за подобра држава за сите граѓани”, порача Османи во своето обраќање.
На крајот, тој им го честиташе празникот на сите граѓани со силна порака на единство, надеж и посветеност на европската иднина.