Утрински Весник
Македонија

Бујар Османи: Маргинализацијата на Албанците е дел од поширок план на Мицкоски за напуштање на ЕУ интеграцијата

Bujar Osmani Utre Vo Ofitsijalna Poseta Na Turtsija.jpg

Ако се суди по последната објава на Бујар Османи, изборот на ВЛЕН како албански коалициски партнер во Владата не бил случаен, ниту само прашање на постизборна математика. Според него, станува збор за подолгорочна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски – да се обезбеди слаб, контролиран албански фактор во Владата, кој нема да биде пречка за, како што го нарекува Османи, „скршнувањето од европскиот пат и ориентацијата кон српскиот свет“.

„Мицкоски добро знае дека само уценет и слаб албански партнер ќе молчи пред ваквото опасно скршнување на државата“, пишува Османи. Во неговиот наратив, ДУИ не е само политичка партија, туку штит од менување на геостратегиската рамнотежа на државата. А отстранувањето на ДУИ, според него, било предуслов за политичка и идеолошка трансформација што, тврди, сè повеќе се оддалечува од вредностите на Охридскиот договор и европските интеграции.


Османи ја доведува под сомнеж искреноста на антикорупциската реторика на Мицкоски, наведувајќи дека „нападите врз ДУИ не биле со цел наводна борба против корупцијата и криминалот“. Напротив, според него, тие служеле како алиби за политички инженеринг – креирање на ново мнозинство со слаб албански партнер, кој ќе биде без реална моќ да се спротивстави на суштински одлуки.

Фактите укажуваат дека по една година владеење реално не се отворени значајни истраги против функционери од претходната власт. Во тој вакуум, Османи ја поставува тезата дека реториката за „промена“ всушност прикрива стратешка реконфигурација на државниот идентитет.

Која е улогата на ВЛЕН?

Во најостриот дел од текстот, Османи го поставува прашањето за позицијата и улогата на ВЛЕН. „Албанците во Владата не само што немаат глас, туку немаат ни трага од достоинство“, пишува тој, директно обвинувајќи дека ВЛЕН премолчува на процеси како што се „ревидирање на Охридскиот договор“, „релативизирање на бадентеровото мнозинство“ и „поставување под прашање на рамноправноста на Албанците“.
Ваквите тврдења, иако потпирани на политичка реторика, отвораат легитимна дебата – дали и колку албанскиот партнер во владата има реално влијание врз клучните одлуки, особено во делот на евроинтеграциите, меѓуетничките односи и односот кон регионалните влијанија.

Политичката еднаквост како линија на одбрана

Османи го позиционира албанскиот политички фактор како последната линија на одбрана на демократските принципи и геостратешката ориентација на државата. „Албанците секогаш биле коректор на сите процеси на уништување на демократијата“, вели тој, повикувајќи на обединување не само на политичко, туку и на идентитетско ниво.
Повикот за враќање кон „вредностите што ги направиле Албанците политички силни“ е воедно критика кон моменталната фрагментација и сигнал дека следните избори ќе се водат околу прашања што ја надминуваат партиската припадност: иднината на интеграциите, стабилноста на мултиетничкиот модел и дефинирањето на државниот курс.
„Ова не е партиска борба. Ова е борба за достоинството, за политичка еднаквост, за да се врати државата на вистинскиот пат“, завршува Османи.

Пресврт или продолжување на старото?

Со ваков тон и содржина, Бујар Османи поставува рамка во која изборот на албански политички партнер станува прашање од државен интерес. Клучното прашање останува – дали јавноста, особено албанската, ќе го препознае овој наратив како вистинит одраз на моменталната состојба, или како реторичка одбрана на поранешната моќ?
Одговорот можеби ќе дојде на следните избори. Но до тогаш, останува отворена дилемата: дали тишината на ВЛЕН е знак на рационално партнерство, или потврда на тезата дека за тивка политичка промена е потребен тивок коалициски партнер?

Можете да прочитате

ВЛЕН бара истрага за работењето на Бујар Османи како министер

Шукова: Нов стационар и комунална полиција наместо ад-хок мерки за бездомните животни

Денеска се празнува Светиот маченик Иполит