Утрински Весник
Свет

Бројот на загинати во силниот земјотрес што ја погоди островската држава Вануату се искачи на 14

8b8073fd 4a7c 4ac1 8119 57757304c1da.jpg

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала што вчера ја погоди островската држава Вануату во Тихиот Океан се искачи на 14.

Екипите за потрага ги пребаруваат урнатините и се обидуваат да најдат преживеани.


Двесте луѓе се хоспитализирани по земјотресот, а во текот на ноќта се забележани силни афтершокови.

Во земјотресот беа оштетени многу згради, меѓу кои и амбасадите на САД, Франција, Велика Британија и Нов Зеланд. Нема струја и мобилен сигнал.

Полицијата на Вануату соопшти дека е прогласена седумдневна вонредна состојба за да се ограничи движењето на луѓето додека трае потрагата по исчезнатите.

Четири лица починаа во болница во главниот град Порт Вила, соопшти владата. Шест од нив загинаа во одрон, четворица во уривање на зграда.

Двајца од загинатите се кинески државјани, изјави кинескиот амбасадор во Вануату Ли Мингганг за државните медиуми.

Се проценува дека 116.000 луѓе би можеле да бидат погодени од последиците од земјотресот, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Соседна Австралија ќе испрати тимови да помогнат во напорите за пребарување и спасување, изјави вчера заменик-премиерот Ричард Марлс за Еј-би-си Њуз. САД и Франција ветија помош.

Најмалку 10 згради во Порт Вила претрпеа „големи структурни оштетувања“, соопшти владината канцеларија за управување со катастрофи.

Жителот на Вануату, Мајкл Томпсон, рече дека спасувачите користеле „сè што им паднало во рака“ за да ги спасат жртвите.

Вануату, низок архипелаг со околу 80 острови, се наоѓа во сеизмички активно подрачје и е подложен на чести големи земјотреси и други природни катастрофи.

Можете да прочитате

Нетанјаху: Остануваме на планината Хермон додека не се постигне нов договор

Русија: Го уапсивме човекот кој го уби генералот Кирилов

ЕК започна постапка против ТикТок поради „изборни ризици“