Челниците на бразилскиот фудбал повторно ќе се обидат да го ангажираат Италијанецот Карло Анчелоти за селектор на „кариоките“ и покрај намерата на тренерот на Реал Мадрид да остане на клупата на шпанскиот тим уште една година.
Претседателот на бразилската фудбалска конфедерација, Едналдо Родригез, денеска изјави дека се надева дека во следните неколку дена ќе се сретне со Анчелоти за да разговара за можноста за негово ангажирање.
„Го гледаме како еден од најдобрите фудбалски тренери во светот. Тој е победник и секој спортист што играл за него вели дека им недостига и дека тој е најдобриот тренер со кој некогаш соработувале“, изјави Родригез.
Анчелоти му се заблагодари на Бразил за интересот, но минатиот месец изјави дека ќе остане до крајот на договорот во Реал Мадрид. Неговиот договор истекува во 2024 година.
Бразил е без селектор откако Тите поднесе оставка по Светското првенство во Катар.