Лидија Трајковска (43) од Јурумлери се води како исчезната од осми ноември оваа година.
Последен пат видена е како излегла од дома во раните утрински часови, без лични документи и мобилен телефон, по што и се губи траг.
И додека се шират најразлични шпекулации, а полицијата ја води како исчезната, нејзиниот брат и нејзината сестра, Александар и Билјана, сами со сопствени ресури ја бараат својата сестра.
Тие во изјава за Фокус, раскажуваат дека само уште тие двајца останале секојдневно да ја бараат Лидија, додека нивните родители веќе немале сили и се соочиле со влошена здравствена состојба после сите настани.
-Јас секојдневно одам по течението на реката Вардар, сам ја барам Лидија, иако не можеме да тврдиме дека е во реката. За да ни се тргне тој сомнеж, ги молам институциите да ангажираат добро опремени нуркачи, да се провери коритото на реката детално! Што ако навистина е во реката и телото е заглавено помеѓу гранки и секаков отпад кој се наоѓа внатре, во водата? Зарем треба само да чекаме сестра ми од некаде да се појави, и да кренеме раце од потрагата по неа? – прашува Александар.
Обвинува за недоволна ангажираност од страна на институциите, и на секое негово прашање околу истрагата добивал одговор дека се трага по Лидија, дека се собираат докази…
Исто така, апелира до надлежните во случајот, да извршат полиграфско тестирање над две лица, и тоа на сопругот на Лидија, но и на лице кое било во врска со неа, а чиј идентитет и бил познат на полицијата.
-На социјалните мрежи се пишуваат разни шпекулации и обвинувања и сакаме јавноста да ја дознае вистината и да се запре со ширење на невистини кои само дополнително ни отежнуваат.
Има бројни коментари да не ја бараме Лидија, бидејќи наводно побегнала со ,,кумот”. Такво нешто нема, ете го ,,кумот” кој всушност и не и е кум на сестра ми, овде е, никаде не е побегнат, а полицијата го знае неговиот идентитет.
Од страна на полицијата ни беше кажано дека имала врска со тоа лице, па еве јавно прашувам, во еден ваков случај, зошто тоа лице не се стави на полиграф? Зошто и сопругот на Лидија се уште не е ставен на полиграф? На сите до еден нека ни направат полиграфско тестирање, нека се дознае вистината веќе еднаш, бидејќи живееме во агонија – тврди братот на Лидија.