Синоќа опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ги утврди имињата на кандидатите што треба да станат членови на техничката Влада.
За технички министер за внатрешни работи е предложен адвокатот и шеф на партиската правна комисија Панче Тошковски.
Тошковски излезе во јавноста откако пред неколку години владејачката СДСМ обелодени договори за правни услуги што адвокатската канцеларија на Тошковски и ги давала и наплаќала на АД ЕЛЕМ, во период кога ова државно претпријатие беше предводено од Христијан Мицкоски.
Но, покрај блиската соработка со Мицкоски името на Панче Тошковски се спомнува и во процесот за крававиот четврток и упадот во Собранието од 27 април 2017 година.
Имено, Тошковски бил бранител на еден од обвинетите, односно Митко Пешов, поранешен раководител на Одделот за посебни единици во полицијата, кој беше правосилно осуден на 15 години затворска казна поради „терористичко загрозување на уставниот поредок“.
Останува нејасно дали Тошковски од професионални или од идеолошки мотиви го бранел осудениот Пешов, но се чини дека токму тој случај и блискоста со Мицкоски му ја отвораат вратата за напредок во политичко партиската кариера.
Гласањето за изборот на техничката влада треба да заврши в недела до полноќ, иако се уште е неизвесно дали предлог министрите од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат доволен број пратеници, откако партиите од парламентарното мнозинство соопштија дека нема да ги гласаат предложените министри и заменици министри, ако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за изборот на Талат Џафери за технички премиер.
Цврстиот став на СДСМ за настаните од 27 април, може да биде дополнителна причина пратениците од оваа партија да не гласаат за Панче Тошковски за нов министер за внатрешни работи во техничката влада.
Техничката Влада ќе стапи на должност во понеделник и ќе има за цел да организира фер, демократски парламентарни избори закажани за 8 мај, ден кога ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.