
Полицијата во текот на вчерашниот ден евидентирала шест пријавени случаи на семејно насилство во повеќе градови низ државата, при што пет лица биле лишени од слобода, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во 22:30 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Ј.З. (27) од селото Долна Бањица, гостиварско, постапувајќи по претходна пријава од неговата 26-годишна сопруга. Според пријавата, поради меѓусебно недоразбирање тој упатувал закани кон нејзината мајка преку социјална мрежа.
Во Крива Паланка се регистрирани два случаи. Во 12:05 часот полициски службеници го привеле Т.Д. (18) од Крива Паланка, кој физички го нападнал својот татко. Претходно, во 00:45 часот, бил приведен и Е.В.М. (49) од истиот град, кој физички нападнал 16-годишно момче – син на неговата сопруга.
Во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода И.Р. (33) од битолско село, откако, според пријавеното, во семејниот дом физички ја нападнал својата 25-годишна сопруга.
Во Прилеп, пак, во 14:30 часот во ОВР Прилеп, 45-годишна жена пријавила дека во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг Е.Ш.
Во Охрид, во 23:15 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода О.Л. (44) од Охрид, кој претходно во семејниот дом физички ги нападнал својата невенчана сопруга и нивното малолетно дете.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи, а по нивното целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.


