
Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ упати остра критика до Соединетите Американски Држави по нападот врз Венецуела и најавите за воспоставување директна контрола врз територијата на оваа јужноамериканска држава. Обраќајќи се од претседателската палата Ла Монеда во Сантијаго, Бориќ порача дека почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите претставува неприкосновен принцип во меѓународните односи.
„Денес е Венецуела, утре тоа може да биде која било друга земја“, предупреди тој. Иако во изминатите години важеше за еден од најгласните критичари на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, Бориќ нагласи дека суверенитетот не смее да се релативизира. Според него, тој претставува суштинска заштита од надворешни влијанија и од доминацијата на посилните држави. Неговата реакција следуваше кратко по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека администрацијата на САД ќе управува со Венецуела во преодниот период, како и најавата дека американски компании ќе бидат вклучени во експлоатација на нафта.
Бориќ оцени дека заканата од еднострана странска контрола врз природните и стратешките ресурси на една држава претставува сериозно нарушување на територијалниот интегритет и ризик за стабилноста на регионот. „Ако тоа е можно таму, што гарантира дека нема да се случи и на друго место?“, праша чилеанскиот претседател. Тој додаде дека случувањата во Венецуела се дел од поширок загрижувачки геополитички контекст, во кој употребата на сила сè почесто ги заменува меѓународните правила како начин за решавање спорови.
Според Бориќ, ваквата практика го разградува мултилатералниот поредок, ја ослабува демократијата на глобално ниво и ги прави помалите држави поранливи на еднострани одлуки наметнати со воена моќ. На крајот, тој ги повика Обединетите нации итно да се вклучат во решавањето на кризата и истакна дека Чиле внимателно ја следи состојбата на своите граници, поради можноста за зголемен миграциски прилив од Венецуела.


