Хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора да се запре, изјави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Како што пренесуваат агенциите, Борел рекол дека светот не смее да замижува пред трагедијата во Газа.
-Загубени се премногу невини животи. Деведесет проценти од населението е раселено од своите домови – предупреди Борел.
Тој нагласи дека оваа хуманитарна катастрофа не е нешто природно, додавајќи дека не е ниту земјотрес, ниту поплава.
-Ова е хуманитарна катастрофа предизвикана од човекот и мора да се запре – рече Борел за време на говорот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-20 во Бразил.
Борел истакна дека 26 од 27-те земји-членки на ЕУ го повикале Израел да не иницира воена акција во градот Рафа на југот на Појасот Газа.
Тој побара итна хуманитарна пауза што ќе доведе до траен прекин на огнот.
-Прашањето не е дали Израел мора да го почитува меѓународното и хуманитарното право. Секако, секој мора да го направи тоа. Прашање е дали тоа го прават – додаде Борел.