Утрински Весник
Македонија

Болна исповед на братот: Ги изгубив сестрата и внуката, системот потфрли

7a5bb9ed fcb6 47e7 bfb7 a39c8949e813.jpeg

Братот на загинатата жена и вујко на малолетното девојче кои попладнево го загубија животот во трагичниот настан во Скопје, преку емотивна објава на социјалните мрежи целиот случај го нарече убиство и директно ги обвини институциите за системски пропуст.

Александар Стојановски на својот фејсбук-профил напиша дека со години биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, па дури и обид за убиство во државна институција, но, како што тврди, надлежните не постапиле соодветно.


„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Стојановски.

Тој апелираше до јавноста да не шпекулира за околностите, но побара силен фокус од медиумите и граѓаните, нагласувајќи дека случајот не смее да остане само бројка во статистиката.

„Државата овозможи да згаснат млади животи. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, наведува тој.

Во објавата открива дека неговата сестра требало повторно да се појави во социјалните служби поради случајот, а сподели и личен момент со внуката, која за Прочка му рекла: „Вујче, прости ми ако сум ти згрешила нешто“.

„Вујчино, прости ми ти. Прости на овие неспособни институции. А јас, вујче, нема никогаш да простам и да заборавам“, напиша Стојановски, повикувајќи јавноста да ја сподели пораката „за да не се заборави и изгуби низ системот“.

Од надлежните институции засега нема официјален одговор на наводите изнесени во објавата.

Можете да прочитате

Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат” на Малата сцена во МОБ

Николоски: Aвтопатот Гостивар – Букојчани се гради по најсовремени светски практики

Фетаи останува без ниту еден пратеник