Утрински Весник
Македонија

Богородица и Меџитлија и денеска под блокада

Img 20251208 wa0001.jpg

Над 50 блокади се поставени ширум Грција, вклучувајќи ги и клучните гранични премини кон Македонија, Бугарија и Турција, како дел од продолжението на протестите на грчките земјоделци. Ситуацијата ескалираше до тој степен што аеродромот во Ираклио на Крит беше принудно затворен до рано утрово, што предизвика откажување на низа летови.

За македонските граѓани најважна е најавата за нови прекини на сообраќајот на јужната граница. На преминот Евзони (Богородица), каде се паркирани над 300 трактори, блокадата денеска се очекува да биде активна во два наврати: од 12 до 16 часот и од 18 до 22 часот по локално време. Исклучок од забраната за движење ќе има само за грчките камиони што ја напуштаат земјата.

Блокиран е и преминот Ники (Меџитлија). Според најавите на грчката агенција АНА-МПА, таму е закажана четиричасовна блокада која започнува од 10 часот по локално време.

Најсериозниот инцидент се случи на островот Крит, каде земјоделците вчера се судрија со полицијата, го пробија кордонот и успеаја да навлезат на аеродромската писта во Ираклио, парализирајќи го авиосообраќајот. Тензично било и во Ханија, каде исто така имало обиди за упад на аеродромот.

Главното жариште на протестите останува во централна Грција, кај Никеа, каде автопатот Солун – Атина е блокиран, а сообраќајот се пренасочува. За утре е најавена и блокада на пристаништето во Волос.

Земјоделците, кои протестираат од 30 ноември поради високите трошоци и скандалот со субвенциите, поставија новогодишни елки на барикадите, испраќајќи порака дека се подготвени да останат на улиците и за време на претстојните празници.

Можете да прочитате

Криумчарење мигранти: Скопјанец криел пет Египќани во автомобил

СДСМ: ВМРО ДПМНЕ народот го нарекува куче

Филипче: Опасност од мигранти, проблем е Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тајни разговори