Секој вложен денар во инфраструктурата е влог за подобра иднина на државата и подобри услови за живот на граѓаните, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на панел дискусијата посветена на капиталните проекти како и развој на културата и образованието во услови на криза, во рамки на годишната конференција на Владата „Година на нови можности“.
Во своето обраќање Бочварски се осврна на рекордната реализација на капитални инвестиции во 2022 година со посебен фокус на патната и железничката инфраструктура.
“Преку 1 милијарда евра инвестираме за инфраструктурата. Го започнавме најголемиот проект за изградба на железничкиот коридор 8 кон Бугарија вреден преку половина милијарда евра. Во само една година завршивме со изградба на два експресни патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш, инвестиција од преку 100 милиони евра. Дополнително реконструиравме преку триесетина регионални патни правци. Даваме максимална поддршка на општините преку реконструкција на локалните патишта, околу 130 улици и патишта опфативме со рехабилитација само минатата година. Помагаме и во делот на изградба на водоводи и канализации. Ја продолживме мерката за воведување на нови авиолинии. Северна Македонија е веќе на главните европски рути“ рече Бочварски.
Тој потенцираше дека оваа година Министерството за транспорт и врски има огромен предизвик во отпочнување на изградбата на преку 140 километри автопати на Коридорите 8 и 10-Д.
„Очекуваме оваа година да започнеме со изградба на автопатските делници Требениште – Струга – Ќафаса, Букојчани – Гостивар, Тетово – Гостивар на Коридор 8, како и Прилеп – Битола на Коридорот 10-Д. Ова бара сериозна посветеност и максимално ќе се заложиме во реализација на овој проект. Исто така оваа година очекувам да го завршиме и автопатот Кичево – Охрид, како и автопатот Скопје – Блаце, прва фаза, а да го распишеме и јавниот повик за изградба и на втората фаза кон Блаце. Во делот на железницата, силно продолжуваме со изградба на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија, а планираме да го распишеме и јавниот повик за финалната трета фаза. Многу брзо очекуваме да избереме авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за нашите граѓани“, истакна тој.
На панел дискусијата покрај Бочварски свои обраќања имаа и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за образование Јетон Шаќири, министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми и деканот на Градежниот факултет, професор д-р Горан Марковски.