Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју за српскиот весник Данас беше запрашан за безбедносната состојба во регионот.
„Безбедносната ситуација во регионот е сложена, бидејќи регионот, иако динамичен, сепак е чувствителен. Како држави, се соочуваме со заеднички предизвици како што се транснационалниот криминал и активностите на организираните криминални групи, кои главно дејствуваат на полето на нелегалната трговија со дрога и оружје”, рече Бојмацалиев, надополнувајќи со резултатите на МВР во делот на борбата против недозволена трговија со дрога и пресекување меѓународни канали.
„Овде би издвоил неколку успешни меѓународни акции, кои се базираат на информации од нашите служби во МВР – едната со Грција, другата со Албанија, што ги направивме преку СЕЛЕК – заедничка иницијатива за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа. Во грчко пристаниште во заедничка акција со грчката полиција запленети се над 100 килограми кокаин, а во Албанија над 130 килограми кокаин и двете според информациите на македонските полицајци. Пресечени се многу меѓународни канали, како и запленето огромно количество оружје”, рече Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека службите комуницираат и соработуваат со НАТО сојузниците.
„Можам да кажам дека нашите служби работат континуирано. Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање заедно со Министерството за внатрешни работи се во комуникација со цел одржување на стабилноста и безбедноста, а со тоа и влијание на регионално ниво. Појавите како насилниот екстремизам, радикализацијата особено кај младите и тероризмот се појави со кои безбедносните служби континуирано успешно се справуваат. Апсолутно, а поддршката на меѓународната заедница и интеграцијата во евроатлантските структури исто така играат клучна улога во зајакнувањето на безбедносната архитектура на регионот. Важно е да го промовираме дијалогот меѓу земјите како клуч за одржување на мирот и стабилноста. Се разбира, Северна Македонија, како членка на НАТО, е во редовна координација со Алијансата и нејзините сојузници во однос на активностите што се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор”.