
Револтот поради енормното загадување на воздухот вечерва се прелеа на улиците на Скопје. Група граѓани организираа предупредувачка блокада на една од најфреквентните сообраќајници во главниот град, испраќајќи јасна порака дека состојбата со загадениот воздух е неподнослива и бара итни мерки.
Сообраќајот беше целосно во прекин на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“ (поранешна „Првомајска“), каде демонстрантите се собраа со транспаренти и пароли против смогот што со денови го гуши градот. Граѓаните порачаа дека трпението е при крај, додека институциите, како што велат, не преземаат доволно конкретни чекори за заштита на јавното здравје.

Под мотото „Не застануваме тука“, организаторите на протестот упатија јасно предупредување до надлежните власти дека ова е само почеток. Тие најавија дека по завршувањето на празниците протестите ќе продолжат со поголем интензитет и масовност, сè додека не се спроведат реални и ефикасни мерки против загадувачите и не се обезбеди чист воздух за сите граѓани.




