Кремљ не изрази подготвеност да стави крај на војната во Украина, изјави шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, коментирајќи ја изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека сака конфликтот да заврши „што е можно поскоро“.
„Русија во суштина не покажа никаков интерес за дипломатски ангажирање за завршување на војната“, рече Блинкен, еден ден по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон.
Путин изрази желба да го прекине конфликтот во Украина „што е можно поскоро“, по речиси десет месеци интензивни борби со украинските сили.
„Правиме напори да го завршиме. И што побрзо, толку подобро, се разбира“, рече Путин на прес-конференција и додаде дека неговата армија ќе најде „противотров“ да го заобиколи противвоздушниот систем „Патриот“ што САД ќе го испратат во Украина.