
Во величествена и молитвена атмосфера, денес, 19 април 2025 година, на Велика Сабота, повторно се случи едно од најголемите чуда на православниот свет — слегувањето на Благодатниот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим.
Точно во 13:30 часот по македонско време, откако беше извршена традиционалната подготовка и молитва, Ерусалимскиот патријарх Теофил III излезе од Кувуклијата држејќи во рацете две свеќници со по 33 пламена, симболизирајќи ги годините на Исус Христос на Земјата. Со возгласот „Дојди, прими ја светлината“, по што тој ја предаде Светата светлина на илјадниците верници собрани од рано утро пред и во храмот.
Огнот, кој според православната традиција не пали во првите минути и не повредува, се смета за несоздадена светлина – симбол на Божјата благодат и воскресенската радост.
Церемонијата се одвива под строго набљудување – внатрешноста на гробот се запечатува, сите светилки се гасат, а самиот патријарх се проверува од цивилните власти, со што се потврдува автентичноста на чудото кое се случува секоја година само на овој ден.
Слегувањето на Благодатниот оган и годинава ја обнови пораката на верата, мирот и вечниот живот. Илјадници верници, христијани од сите делови на светот, во духот на љубовта и духовната заедница, ја понесоа светлината на Воскресението кон своите домови и цркви.