
Во рамките на своите општествено одговорни активности, Пакомак обезбеди четири повратни вендинг машини (ПВМ) за селектирање пластични шишиња и лименки за Општина Кавадарци, меѓу кои и првата ваква машина поставена на јавен простор во Македонија – во посебен заштитен простор на Градскиот зелен пазар во Кавадарци.
Резултатите од активностите на Пакомак во Кавадарци веќе се видливи, а иницијативата сега добива дополнителна вредност преку поддршката од Општина Кавадарци. За секое селектирано шише или лименка се добиваат 3 зелени поени, општината доделува по 1 денар, додека Пакомак доделува 0,5 денари за секој зелен поен (3 зелени поени изнесуваат 1,5 денари). Овој систем дополнително ги мотивира граѓаните активно да учествуваат во селекцијата и рециклирањето на отпадот.
„Секое селектирано парче амбалажа претставува чекор поблиску до почиста и поздрава животна средина. Ги повикуваме граѓаните одговорно да ги користат вендинг машините и активно да се вклучат во процесот на селекција, затоа што со заеднички напор создаваме подобра средина за нас и за идните генерации. Се надеваме дека партнерство со Општина Кавадарци ќе послужи како инспирација и дека ваквите соработки постепено ќе се прошират и низ другите градови низ Македонија. Во текот на 2025 година, преку 86 повратни вендинг машини, граѓаните селектираа над 18 милиони парчиња амбалажен отпад. Во 2026 година бројката на поставени машини ќе достигне 100 низ целата држава, а со тоа и очекуваме количината на селектиран отпад да надмине 20 милиони парчиња,“ изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.
Повратните вендинг машини (ПВМ) се едноставни и достапни за користење – доволно е граѓаните да ја преземат мобилната апликација Екомак, да ги донесат своите пластични шишиња и лименки и веднаш да започнат со собирање поени. Во Кавадарци апликацијата Екомак ја користат 950 активни корисници, а вкупниот број на селектирани единици достигна 90.000, бројка што јасно покажува дека граѓаните го прифаќаат овој модел на селектирање амбалажен отпад.
Иницијативата претставува успешен пример за јавно-приватно партнерство помеѓу Пакомак и Општина Кавадарци. Пакомак ја обезбедува инфраструктурата и технолошкото решение преку повратните вендинг машини и апликацијата, додека општината создава финансиски стимул што ги мотивира граѓаните активно да се вклучат во селектирањето на амбалажниот отпад. Со здружени сили, институциите, компаниите и граѓаните создаваат модел што покажува како заедничките напори можат да донесат вистинска и долгорочна промена за животната средина.


