Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети компанијата „Бреинчајлд продукција“, која произведува спортска опрема наменета за водните спортови со ветер или поточно опрема што се користи за сурфање на водни површини.
Во неговата изјава по посетата, вицепремиерот Битиќи изјави дека „Бреинчајлд“ е прогресивна и амбициозна компанија, која својот развој го планира во Северна Македонија, што е потврда дека во нашата земја имаме атрактивен и стимулативен економски амбиент, кој создава доверба и сигурност кај инвеститорите и ги охрабрува на проширување на нивните деловни активности.
„’Бреинчајлд’ планира основање две нови компании, од кои едена во делот на производство, а другата ќе биде фокусирана во активности на истражување и развој, со вкупна вредност на инвестициите од над 13,5 милиони евра. Вредноста на планираната инвестиција во производство е 11,5 милиони евра, која ќе отвори 275 нови работи места во наредните пет години, а со проектирана цел за 10 години да се реализираат вкупно 530 вработувања“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информира дека во делот на истражувањето и развојот „Бреинчајлд“ планира инвестиција од 2 милиона евра, која ќе создаде 35 нови работни места, кои ќе им дадат шанса на граѓаните од Пелагонискиот Регион да го искористат и унапредат своето знаење преку работни процеси што развиваат и креираат дополнителна конкурентска вредност на финалните производи.
„За реализација на инвестициите компанијата веќе има обезбедено градежни парцели во индустриската зона Жабени, а во моментот сме во фаза на подготовка на договорите за државна помош во согласност со Законот за контрола на државната помош“, рече Битиќи.
Заменик-претседателот на Владата, Битиќи, истакна дека со реализацијата на оваа инвестиција уште еднаш се покажува дека како држава имаме изградено реален капацитет и услови за поттикнување и реализација на нови инвестиции во делот на реалниот сектор, кои отвораат нови и добро платени работни места, кои откриваат нови хоризонти за развој и надоградба на работни вештини и знаења усогласени со потребите на високотехнолошки процеси на производство.
Ралф Хенинг Гросел, сопственик и менаџер на „Бреинчајлд продукција“, изјави дека нивната компанија изработува опрема за спортови на ветер од еколошки и одржливи материјали од најсовремените технологии, со производствени капацитети во разни држави вклучително и на азискиот континент, но дека условите за компаниите, особено поддршката на Владата за инвестициите биле пресудни да го преселат нивниот бизнис во Северна Македонија.
„Бидејќи нашиот главен пазар е во Европа, размислувавме да го донесеме нашето производство овде. Фактот што Северна Македонија е во срцето на Европа и поседува голем потенцијал во работна сила, но истовремено нуди и владина финансиска поддршка на инвестициите, беше многу ветувачки за нас, особено во плановите за изградба на нов производствен капацитет од 10 илјади квадратни метри“, изјави Гросел.