Утрински Весник
Македонија

Битиќи: Нашето општество станува ксенофобичен монструм

Bitiki Racinmk.jpeg

Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи излезе со јавна реакција на социјалните мрежи по убиството на Росица Нацева од Велес и коментарите на социјалните мрежи по нејзината смрт.

,,Во Македонија денес гледаме како насилството и омразата прераснуваат во политички нормализирано секојдневие. За жал, власта не е набљудувач, туку активен чинител во создавањето на атмосфера во која фемицидите и вербалните напади врз жените се третираат како „нормални“, а институциите молчат. Тоа институционално молчење е најопасната форма на соучесништво, затоа што секое непреземање на одговорност испраќа порака дека животот на жената не вреди.


Нашето општество, сè повеќе се претвора во ксенофобичен монструм. Наместо да се прифаќаат различностите како сила, тие се претвораат во причина за напади, дискриминација и омраза. Вредноста на инклузијата, како принцип на еднакво општество во кое секој има свое место, се заменува со политика на поделби и омаловажување. Жените се мета на физичко и вербално насилство, младите живеат со чувство на несигурност, а граѓаните ја губат вербата во институциите што треба да ги заштитат. Ова е резултат на политичка култура што ја охрабрува поделбата, а не заедништвото.

Кога јавното понижување и мизогинијата стануваат дел од политичкиот дискурс, тоа е знак дека се губи чувството за умереност и граници. Кога јавни личности си дозволуваат да навредуваат жени на највулгарен начин, тие ја потврдуваат климата во која омразата е прифатена, а достоинството е понижено, и тоа е пораз за целото општество.

Македонија не смее да биде заробено општество на страв, туку демократска заедница на еднаквост и достоинство. Наша должност е да изградиме систем во кој секоја жена ќе биде заштитена, секоја различност ќе биде почитувана и секој човек ќе може да живее слободно и без страв.

Јас нема да молчам пред оваа неправда, ќе продолжам да ја кревам главата високо и да се борам за Македонија на еднакви, достоинствени и слободни луѓе” пишува Битиќи.

Можете да прочитате

Лимани: Започнуваат работите за шест спортски терени во Гостивар – инвестиција за младите и за заедницата

Советници на СДСМ открија дива депонија во Илинден – наместо расчистување, добија закани од власта

(Видео) „Ниту една повеќе“ протест против насилството врз жените и молкот на институциите