
Со предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ на електрична енергија од 18% на 5%, значително ќе се намалат сметките за струја на 600.000 домаќинства, порача пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција во Собранието.
„Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13% пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети”, рече Битиќи.
На прес-конфренцијата, Битиќи посочи дека јануарските сметки за струја се зголеми oд 20% до 30% што е сериозен удар врз семејниот буџет на граѓаните.
„Животот во Северна Македонија станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги задоволуваат основните животни потреби. Граѓаните веќе плаќаат и повисоки сметки за струја. Само во јануари тие се зголемија од 20% до 30%, што претставува уште еден тежок удар врз животниот стандард. Во овие услови, каде што растот на цените го надминува зголемувањато на приходи, сè повеќе семејства се соочуваат со финансиски тешкотии, а за многумина, месечната плата веќе не е доволна ниту за најосновните трошоци. Наместо Владата да интервенира и да ја заузда кризата, гледаме незаинтересираност, одолговлекување и целосно отсуство на мерки што ќе ја заштитат куповната моќ”, рече Битиќи.
При тоа, Битиќи потенцираше, дека новото владино Министерство за енергетика има реализирано само 50% од планираните инвестиции, домашното производство на електрична енергија не се зголемува што ја прави државата уште позависна од увоз на скапа струја.
Линк до видео: https://youtu.be/rNVIGnLlKOQ