„Последниот месец инфлацијата беше три отсто и се враќа полека на нормалните стапки. Ако имаме совесно однесување на сите чинители во општеството и притоа рацете на политичките партии и политичарите бидат настрана од бизнисот, самите компании ќе се однесуваат етички и нема да го прават тоа што би сакале одредени политички кругови“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во „360 степени“ на МТВ. Тој додаде дека понекогаш се прават одредени работи и против себе, само за да се докаже дека другиот е немоќен да ја контролира целата состојба, макар на штета на самиот себе. „Има партии кои пред изборите имаат интерес цените да се качат. Како што сум кажал и претходно, како одеднаш, недела дена по нов министер за внатрешни работи излезе дека имаме фиктивни 30 до 50 илјади термини закажани. Моето логично прашање беше како исдпана овие фиктивни термини? Да не беа тоа намерно закажувани за да покажат неспособност?“ запраша Битиќи. Вицепремиерот додаде дека година дена една политичка партија најавуваше предвремени избори, поради што јавната администрација има тн. бел штрајк во кој институциите не функционираат целосно, бидејќи некој внатре опструира. „Година и пол точките кои доаѓаа на разгледување во Комисијата за економски систем и тековна економска политика беа толку малку, што дури беа и стари точки. Некој ги држи намерно некаде во системот“ рече Битиќи.