Утрински Весник
Македонија

Битиќи до Сиљановска: Меѓуетничките односи се предуслов, а не „претпоставка“ за развојот на државата

Fatmirbitici1.png

Дефинирањето на меѓуетничките односи како претпоставка за реформите и прогресот на државата од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во нејзиното годишно обраќање во Сорбанието, предизвика остра реакција од страна на пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, што, според него, претставува грешка и основно неразбирање на суштината на овој фундаментален аспект на општественото уредување.
„Меѓуетничките односи не се некаква теоретска претпоставка, туку предуслов за стабилност, кохезија и развој на државата. Без квалитетни и инклузивни меѓуетнички односи, сите други реформи, без разлика колку се добронамерни или структурно осмислени, се градат на нестабилни темели“, пишува на својот Фејсбук профил Битиќи, притоа критикувајќи го овој терминолошки пристап како неразбирање на суштината на меѓуетничките односи.
Според него, ваквата „нијанса“ ја сведува важноста на меѓуетничките односи на спореден елемент во процесот на развој.
„Во реалноста, тие се основата врз која се гради одржлив развој, и политички и економски – таа е самиот предуслов за сеопфатен прогрес,“ додава Битиќи.
Во својата реакција објавена на социјалната мрежа, тој ја нагласува потребата политичкиот дискурс во Македонија да биде прецизен и одговорен, предупредувајќи дека зборовите имаат тежина.
„Дефинирањето на меѓуетничките односи како ‘претпоставка’ не само што ја потценува нивната суштинска улога, туку испраќа и погрешна порака дека тие се од секундарно значење,“ пишува Битиќи, апелирајќи за поодговорен пристап кон ова прашање во иднина.

Можете да прочитате

Тошковски: Груби да се врати и да покаже малку чесност кон државата која го ранела повеќе од 40 години

Кузеска: Неколку милиони евра е направен грабеж врз граѓаните со „кошничките“ на Мицкоски

Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патот Тетово – Попова Шапка