Петта година по ред Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е оценета со прво место за најдобар регулатор од страна на Секретаријатот на енергетската заедница. Во Годишниот извештај за 2022 година РКЕ е прогласена за најдобар регулатор, заедно со регулаторот на Црна Гора и Грузија со 80 % спроведени реформски процеси. Рангирањето за најдобар регулатор е во конкуренција на мониторирани вкупно девет регулатори и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина.
Во Извештајот на Енергетска заедница се посочуваат како проблематични сложените постапките за нови вработувања поради потребата за одобрување на годишниот план за вработување од страна на надлежните институции и барањето за спроведување на долготрајни постапки за избор.
Дополнително во Извештајот е потенцирано како загрижувачко мешањето (интервенциите) на Народниот правобранител во независната работа на Регулаторот во поглед на начинот и висината на одредувањето на тарифите.
„Петта година по ред како раководам со тимот кој носи резултат и истиот е верификуван преку меѓународни признанија. Валоризацијата на работата од Енергетска заедница е дополнителен мотив да опстоиме во независноста, автономноста и интегритетот кој заедно со вработените го градиме. Единствено што е тажно, ако можам така да го дефинирам човечки е тоа што и меѓународните институции ги детектираат обидите за нарушување на нашиот интегритет од страна на т.н експерти кои даваат мислења и ставови по прашања за кои немаат надлежност, а ни основно познавање, туку само сакаат да постигнат публицитет“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Во следниот период РКЕ ќе се посвети на спроведувањето на Мрежните правила за електрична енергија и природен гас, коишто се транспонирани во националните мрежни правила од страна на операторите на соодветните системи, и како и ќе презема мерки за целосно спроведување на Регулативата за транспарентност на електрична енергија. Исто така врз основа на законските надлежности, РКЕ ќе подготви подзаконски правила за транспонирање на Регулативата на РЕМИТ.