Босна и Херцеговина денеска слави 32 години од референдумот, по кој беше прогласена независноста на земјата, јавуваат босанските медиуми. Прашањето на референдумот беше „Дали сакате суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на еднакви граѓани, народот на Босна – муслимани, Срби, Хрвати и претставници на другите народи кои живеат во неа?“, потсетува телевизија БХРТ. На референдумот излегуваат повеќе од 2 милиони луѓе, што претставува 63,6 од населението. За независност од Југославија гласале 99,7 отсто наспроти само 0,3 отсто против. Резултатите од референдумот беа усвоени на 6 март 1992 година во Парламентот на Босна и Херцеговина. Резултатите од референдумот овозможуваат и меѓународно признавање на Босна како независна држава. Земјите-членки на Европската заедница ја признаа независноста на Босна и Херцеговина на 6 април 1992 година, забележува босанскиот уредник на регионалната телевизија En 1. САД ја признаа земјата еден ден подоцна, а на 22 мај 1992 година, Босна стана полноправна членка на Обединетите нации. Босанскиот парламент на 28 февруари 1995 година одлучи 1 март да се слави како Ден на независноста на Босна и Херцеговина. Указот за закон за прогласување на 1 март за државен празник беше потпишан од претседателот на Претседателството, Алија Изетбеговиќ, на 6 март 1995 година.