Утрински Весник
Скопје

Бесплатно тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции

20250526180119 big 730x400 38.webp.webp

Од денеска до 30 мај во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ тестирање, во организација на Асоцијација за здравствена едукација – ХЕРА, ќе се одржи бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ). Тестирањето ќе се врши секој ден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.

– Денес ХИВ е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик, нешто што може да се избегне со само еден мал чекор. Раното тестирање значи навремена и ефективна терапија, квалитетен и долг живот, нула ризик за пренос на ХИВ – кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат, нагласуваат од „Хера“.


Дополнително, граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.

Од „Хера“ појаснуваат дека граѓаните може да закажат термин со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 02/3176 – 950, преку онлајн закажување преглед тука или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на улицата „Елисие Поповски – Марко“ број 2, каде, нагласуваат – нема стигма, туку само грижа.

– Тестирањето се одвива во пријателска и безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје, истакнуваат од „Хера“.

Првиот чекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање, па затоа, повикуваат граѓаните да се тестираат.

– Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ – инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ – тестирање е европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик, појаснуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација.

Можете да прочитате

Нема закон за моќните – знакот бутнат, паркингот обезбеден за Владините возила

Пола Скопје повторно без вода!

Уставен суд не поведе постапка за иницијативата на Арсовска, во Ѓорче сепак ќе се градат над 30 нови згради