Утрински Весник
Балкан

Бериша со апел за вонредна состојба, Рама повикува на смиреност по поплавите

Sali berisha 2.jpg

Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, повторно побара Владата да прогласи вонредна состојба по поплавите во земјата, упатувајќи и остар апел до граѓаните.

– Каде и да видите министри, фрлајте јајца или домати по нив, тие се главната причина за вашите несреќи, рече Бериша на тркалезна маса на дел од опозицијата и граѓанското општество.

Тој образложи дека опозицијата бара техничка влада за да се организираат слободни и фер избори, бидејќи, како што рече, тие веќе не постојат.

– Нашата мисија е соборување на оваа Влада и слободни избори. И второ, да не се попречува правдата, изјави Бериша, на средба на која, и покрај поканата, не присуствуваа претставници на четири поголеми опозициски партии.

На обвинувањата дека Владата е виновна за поплавите, премиерот Еди Рама одговори дека ваквата состојба не ја погодува само Албанија, туку и целиот регион.

– Дождот не престанува со клевети или протести туку со застанување на страната на граѓаните, порача Рама, додавајќи дека е потребно трпение и солидарност, а не барање „имагинарни виновници“.

Тој посочи дека лошото време ги зафати и Италија, Грција, Црна Гора, Косово и Турција.

Можете да прочитате

Рама: Поплавени се 1587 објекти и над 13 илјади хектари земјоделско земјиште

Црвен аларм во Хрватска поради студен бран

Шест години затвор за скопјанецот фатен со 8 килограми кокаин во Србија