Директорката на српскиот Институт за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“ Верица Јовановиќ изјави дека зголемениот број на заразени со коронавирус во Србија засега не значи препораки на Батут за „затворање“.
Јовановиќ рече дека Институтот за јавно здравје на Србија, во соработка со мрежата на институти и Заводот за јавно здравје, со поддршка на Министерството за здравство, секојдневно континуирано ги следи епидемиолошките појави во однос на движењето на болестите. Таа додаде дека се уште трае надзорот на западнонилската треска, која е потврдена кај неколку лица.
-Не се зборува за никакво затворање, сè уште. Во овој момент нема потреба, нема потреба од никакво затворање, има обични, класични превентивни мерки кои треба да ги применува секој од нас, особено кога е во контакт со некој што е заразен. Тој принцип на претпазливост треба да постои кога станува збор на некој што има хронично заболување да не треба да биде во контакт со болни луѓе и едноставно треба самостојно да избегнува гужви поради нивната здравствена состојба, рече таа.
Како што наведе, не е потребно носење маски во здравствените установи. Според неа, голем број млади луѓе не се тестираат, но напомена дека тестирањето секогаш се прави по препорака на избран лекар. Таа напомена дека во овој период има многу други вируси кои имаат слични симптоми на корона вирусот, но дека на сите кои имаат висока телесна температура или ги боли грло им се препорачува да останат дома неколку дена.
На прашањето каква е клиничката слика на пациентите кои боледуваат од Ковид-19 и дали има многу хоспитализации, Јовановиќ рече дека според податоците што Батут ги добива од здравствените установи, болниците не се оптоварени со пациенти кои се лекуваат од Ковид-19.
-Засега се работи за домашна инфекција каде луѓето можат да се одморат во домашни услови и на тој начин да поминат со поблаги клинички симптоми. Секако во консултација со докторот кој пропишува што и како да се зема од лекови. Најчесто се работи за симптоматска терапија или антипиретици, лекови кои ја намалуваат телесната температура, мултивитамински потпори, рече таа.