Џон Кирби, шеф на Советот за национална безбедност на САД, денеска изјави за „Си-Ен-Ен“ дека секоја дискусијата за тоа дали е вистинското време за преговори со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина треба „да се остави на претседателот Зеленски, а не на САД“. Но, тој веднаш додаде дека „првичните проценки оти војната би можела да заврши до крајот на годината сега не изгледаат веројатни“.
„Би сакале војната да заврши, ако не денес, тогаш пред крајот на оваа година, која, се разбира, брзо се наближува. Сепак, со оглед на она што го гледаме на теренот во Украина, тешко е да се заклучи дека војната ќе биде готова до крајот на годината“, изјави Кирби за „Си-ен-ен“.
„Не очекуваме борбите целосно да престанат во зимските месеци“
„Сè уште има крвави битки во Донбас, особено во и околу Бахмут. Тоа е релативно мала област, особено ако ја споредиме со некои други битки во Украина во изминатите девет месеци, но борбите се многу интензивни. Што се однесува до југот „Русите се во дефанзива, додека Украинците продолжуваат да притискаат. Накратко, активните борби се водат токму сега и очекуваме да продолжат уште некое време“, рече тој.
Кирби додаде дека додека воените аналитичари сугерираат дека зимата може да го „замрзне“ конфликтот на некое време, САД „не очекуваат борбите целосно да запрат во зимските месеци“.
„Ништо не сугерира и не очекуваме војната да заврши до крајот на годината. Тоа не значи дека не сакаме, туку едноставно нема ништо што го сугерира тоа“, рече тој.