Американските и кинеските официјални лица сè уште работат на организирање средба меѓу американскиот и кинескиот претседател Џозеф Бајден и Шји Џјинпинг на самитот на Г-20 во Бали кон крајот на овој месец, соопшти Белата куќа.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби им изјави на новинарите дека се работи на ниво на персонал за да се организира потенцијален состанок, пренесе „Ројтерс“.
Соединетите Американски Држави не сакаат да влезат во конфликт со Русија за Украина, ниту, пак, сакаат да му диктираат на рускиот народ кој ќе ги води, изјави во Вашингтон Џон Кирби, координатор на Белата куќа за стратешки комуникации.
„Нашата цел е да не влегуваме во конфликт со Русија, а правото на луѓето кои живеат во таа земја е да одлучат кои ќе бидат нивните водачи. Ние сме фокусирани само на тоа да обезбедиме Украина да продолжи со успешните акции на бојното поле“, рече Кирби на прес-конференцијата, пренесува ТАСС.
Кирби додаде дека американската администрација останува посветена на решавање на конфликтот во Украина преку преговори.
Според него, американската помош ќе мора „да доведе до решение на конфликтот преку преговори, што е она што многу го сака американскиот претседател Џо Бајден, а целта е украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја има сета поддршка и потпора потребни за да успее на преговарачка маса со Русија“.