Министерот за економија, Крешник Бектеши тврди дека тој и институцијата, но и Владата, не посредуваат помеѓу Слупчане и ЕВН. Според него, барањето на ВМРО-ДПМНЕ да тој да каже што е договорено и дали ќе се простуваат долгови на жителите е спин, а со ова се креираат и лажни вести. Не знае што се збори два дена меѓу слупчанци и ЕВН.
„Демантирам дека претставници од Министерството за економија, некој од Владата или јас, учествува во преговори кои се водат меѓу ЕВН и претставници на Слупчане. Имајќи во предвид заложбите на Владата како институции кои ја следат енергетиката, ние даваме пораки во насока кон тоа да се намалат загубите кај државата. Но најверојатно, спиновите од опозициските партии, пренесуваат лажни вести кон граѓаните бидејќи прават споредба со села или регони, а кога ќе се отворат теми за кои тие треба да дадат одговор. А уште не се дадени одговорите дали општините кои се раководени од нивни кадри, се завршени извештаите за злоупотребите кои се прават таму во делот на електричната енергија, а се многу поголеми. Загубите на електрична енергија се многу помали од вредноста не белата палата во која ги креираат лажните вести“, кажа Крешник Бектеши.
Тој кажа дека се залага за правна држава, а сите граѓани да ги плаќаат обврските кои ги имаат.
„Конкретни информации за тоа што е разговарано или договорено меѓу Слупчане или ЕВН – ние немаме. Ако имаат тие потреба да олесниме или помогнеме, ние сме тука, како и за сите граѓани со цел да го олесниме процесот. Би ги замолил и политичките партии и медиумите да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија. Да ја гледаме големата слика на ниво на државата“, додаде Бектеши.
Слупачне двапати остана без струја оти не даваа екипите на ЕВН да влезат и да ја модернизираат мрежата оти таму има големи загуби според компанијата. Наместо слободен пристап до трафостаницата, вработените во компанијата тврдеа дека се соочуваа со вербални и физички напади. „Макфакс“ дојде до документот на жителите на Слупчане, испратен преку Општина Липково. Тој се состои од 14 точки, преку кои се бара за нив да не важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач, а тоа се простување долгови од илјадници евра и поврзување нови објекти без пари. Засега нема информации дали овој план е прифатен или не.